ТА Атлантик Турс | Хотели и авионски билети - online резервации

Нова Година 2016/2017 во продажба...

За нас Општи услови за патување
Јазик / Language: Македонски / English
FACEBOOK
Октомври - 2026
СКРИЕНИТЕ БОГАТСТВА НА УЗБЕКИСТАН
Сподели со пријателите:
Испринтај: print

 

СКРИЕНИТЕ БОГАТСТВА НА УЗБЕКИСТАН

ТАШКЕНТ-УРГЕНЧ-КИВА-БУХАРА-САМАРКАНД

 

(05.10.2026-12.10.2026)

 

 

Прв ден: 05.10.2026 (понеделник)-Скопје-Истанбул-Ташкент

 

Состанок на групата на аеродромот во Скопје во 18.00 часот. Полетување кон Истанбул во 20.15 часот, слетување во 22:45 часот по локално време. Летот за Ташкент е во 01.15 часот, пристигнување во 07.40 по локално време.

 

 

Втор ден: 06.10.2026торник)- Ташкент

 

Организиран трансфер со автобус од аеродромот до градот. Сместување на групата хотелот „Qushbegi Plaza“ 3* или во друг хотел од иста категорија. Слободно време за одмор од патувањето. Потоа заминуваме на истражување на оваа земја сместена во срцето на централна Азија, која со векови била на крстосницата помеѓу Далечниот исток и западниот свет. Интензивната економска, културолошка и научна размена што се одвивала по Патот на свилата оставила траен белег на Узбекистан, што ја прави оваа земја едно од највпечатливите места што можете да ги посетите. Узбекистан е богата мешавина на исламска култура со персиски, турски, руски и кинески влијанија, а ние на ова патување ќе се обидеме да доловиме што повеќе од архитектурата, храната, обичаите и се друго што нуди оваа земја. Го започнуваме денот со организиран разглед на главниот град Ташкент, кој во превод значи „Град од камен“. Со повеќе од три милиони жители, Ташкент е најголемата метропола во централна Азија. Основан во третиот век пред новата ера, Ташкент бил една од главните станици на патот на свилата, а низ историјата бил управуван од Арапите, Монголите и Тимуридите. Започнуваме со комплексот Hazrati Imam кој содржи повеќе значајни споменици: Мавзолејот на Kaffal Shashi; мадрасата Barak Khan - еден од највпечатливите објекти во Ташкент, џамијата Tillya Sheikh и Музејот на исламски книги, во кој се наоѓа една од најстарите копии на Куранот во светот, напишана во 8-ми и 9-ти век. Продолжуваме кон Chorsu, најстариот пазар во градот кој е сместен под голема плава купола, а ќе ги видиме и џамијата Dzhuma, изградена во 15-ти век, и средновековната мадраса Kukeldash. Ќе имаме прилика да се возиме и со подземната железница, која повеќе личи на музеј со своите мермени станици богати со мозаици и други уметнички дела. Завршуваме со двата главни плоштади и палатата на војводата Николаи Романов. Вечера во локален ресторан. Враќање во хотелот. Ноќевање.

 

 

Трет ден: 07.10.2026 (среда)- Ташкент-Ургенч-Кива

 

Го напуштаме хотелот рано и се упатуваме кон аеродромот во Ташкент, од каде се качуваме на утрински лет до Urgench, кој се наоѓа околу 1000 километри западно од главниот град. Организиран трансфер до Khiva, важен историски град познат по богатото наследство од патот на свилата и зачуваниот стар дел од градот. Некогаш главен град на истоимениот калифат, Khiva често се нарекува град-музеј. Одиме на организиран разглед на Itchan Kala – стариот дел од градот, опкружен со ѕидини, кој во 1990 година станал првиот споменик во централна Азија заштитен од УНЕСКО како светско културно наследство. Овој комплекс има повеќе од 50 историски градби, од кои ќе ги посетиме најважните: мадрасите Muhammad Aminkhan,  Muhammad Rahimkhan и Allakuli Khan, величествени исламски градби кои биле изградени како религиозни училишта; минарето Kalta Minor; цитаделата Kуnya Ark; музејот Zindan, кој некогаш служел како шеријатски затвор; мавзолејот на Pahlavon Mahmud, кој бил познат поет, Суфи учител и борач; џамијата Djuma, која е необична градба со рамен кров потпрен на 213 дрвени столбови; сарајот Caravan и палатата Toshhovli во која ханот Allah Kuli изградил хамер за своите четири жени. Ручек во локален ресторан. Потоа сместување на групата во хотелот „Pakhlavon“ 3*, или во друг хотел од иста категорија. Одмор од патувањето и слободно време за индивидуални активности во Khiva. Ноќевање.

 

 

Четврти ден: 08.10.2026 (четврток)- Кива-Бухара

 

Појадок, а потоа се одјавуваме од хотелот и тргнуваме кон Bukhara. Патот не води низ пустината Kyzyl Kum, втората најголема пустина во централна Азија и 15-та по големина во светот. Распосланата на 300.000 квадратни километри во три земји, покриена е со големи песочни дуни со црвен песок, по кој го добила и името. Пристигнување во Bukhara во попладневните часови. Сместување во хотел “Mehrob” 3* или во друг хотел од иста категорија. Слободно време за одмор од патувањето и индивидуални активности. Вечера во локален ресторан. Ноќевање.

 

 

Петти ден: 09.10.2026 (петок)- Бухара

 

Појадок, а потоа тргнуваме во организиран разглед на Bukhara, градот кој 2000 години бил центар на трговијата, науката, културата и религијата во Узбекистан. Bukhara бил важна попатна станица за трговците по патот на свилата, па често менувал владетели, кои изградиле многу значајни историски градби, од кои денес се зачувани околу 140 историски споменици. Bukhara долго време бил сметан за најсветиот град во централна Азија, а денес стариот дел од градот е заштитен од УНЕСКО како светско културно наследство. Започнуваме со комплексот Lyabi-Khauz во чиј склоп се наоѓаат мадрасите Nadir Divan Begi и Kukeldash, како и канаката Nodir Devonbegi која била седиште на Суфи мистиците. Потоа ќе ѕирнеме во периодот од патот на свилата, преку посета на “куполите за трговија“, кои служеле како пазари уште од 16-от век. Продолжуваме кон религиозниот комплекс Kalon, кој содржи џамија, минаре и исламско училиште, а потоа кон масивната тврдина која долго време била живеалиште на различни владетели, а која континуирано се градела и поправала уште од 5-от век. Завршуваме со мавзолејот на моќната династија Samanid кои пред илјада години владееле со Саманидската Империја, и мавзолејот Chashma-Ayub, во кој се наоѓа бунар со вода која се смета за света во исламскиот свет. Ручек во локален ресторан. Остатокот од денот е слободен за уживање во атмосферата од овој историски град. Ноќевање.

 

 

Шести ден: 10.10.2026 (сабота)- Бухара-Гијдуван-Самарканд

 

Појадок. Се одјавуваме од хотелот и тргнуваме во Самарканд, а попатно застануваме за да посетиме неколку значајни знаменитости. Една од нив е палатата Sitoria Mokhi-Khosa, позната и како летната палата на последната династија на Bukhara, изградена во европски стил и збогатена со уметнички дела. Во Gijduvan ќе посетиме керамичка работилница во чии рамки се наоѓа и музеј, а потоа ќе видиме и стари антички резервоари за вода кои стотици години обезбедувале свежа и студена вода за трговците кои патувале по патот на свилата. Пристигнување во Самарканд во попладневните часови. Сместување во хотел „Shaxzoda Elite’ 4* или друг хотел од иста категорија. Слободно време за одмор од патувањето и индивидуални активности. Вечера во локален ресторан. Ноќевање.

 

 

Седми ден: 11.10.2026 (недела)- Самарканд

 

Појадок. Денот е посветен на еден од највпечатливите градови во Узбекистан, уште една важна историска станица на патот на свилата. Самарканд е еден од најстарите постојано населени градови во светот и долго време бил еден од најзначајните градови од тој дел на Азија. Во 329-та година пред новата ера градот бил освоен и од Александар Македонски за време на неговиот поход низ Персија. Во 14-ти и 15-ти век Самарканд бил главен град на моќната Тимуридска империја. Организираниот разглед на градот го започнуваме со посета на мавзолејот посветен токму на владетелот Тимур и неговите наследници. Продолжуваме кон една од најголемите атракции во цел Узбекистан – Плоштадот Registan, опкружен од три величествени мадраси кој долго време служел како центар на трговијата и културниот живот. Ги посетуваме и џамијата Bibi-Khanum, која во 15-от век била една од најголемите и најзначајните џамии во исламскиот свет; шарениот пазар Siyab, некрополата Shakhi Zinda - една од најубаво декорираните градби во Узбекистан; Музејот Ulugh Beg, кој е сместен во астрономска опсерваторија изградена во 15-ти век и занаетчиска работилница во која се изработува хартија од свила. Ручек во локален ресторан. Слободно време за индивидуални прошетки и активности во градот насловен од УНЕСКО како „крстопат на културите“. Ноќевање.

 

 

Осми ден: 12.10.2026 (понеделник)- Самарканд-Истанбул-Скопје

 

Во раните утрински часови одјавување од хотелот и организиран трансфер до аеродромот во Самарканд. Полетување кон Истанбул во 05.35 часот. Слетување во Истанбул во 08.50 по локално време. Поаѓање кон Скопје во 18.55, слетување во 19.25 по локално време.

 

 

Промотивна цена за уплата до 28.01.2026.... 1790 евра (110.980 денари)

ЦЕНА НА АРАНЖМАНОТ.........1890евра (117.180 денари)

(плаќање во денарска противвредност)

 

 

Во цената на аранжманот се вклучени следните услуги:

 

• Авионски билет: Скопје-Истанбул-Ташкент со вклучени аеродромски такси

• Авионски билет: Tашкент-Urgench со вклучени аеродромски такси

• Авионски билет: Самарканд-Истанбул-Скопје со вклучени аеродромски такси

• Рачен багаж до 8 кг. и чекиран багаж до 20 кг. по лице

• Сите трансфери вклучени во програмата

• 1 ноќевање со појадок во хотел во Ташкент

• доплата за рано сместување во хотелот во Ташкент првиот ден

• 1 ноќевање со појадок во хотел во Khiva

2 ноќевања со појадок во хотел во Bukhara

• 2 ноќевања со појадок во хотел во Samarkand

3 ручеци и 3 вечери во локални ресторани

• Сите разгледи, посети и влезници вклучени во програмата со организиран трансфер

• Лиценциран туристички водич

• Лиценциран туристички придружник

 

 

Во цената не се вклучени следните услуги:

 

• Доплата за еднокреветна соба – 200 евра

• Виза за Узбекистан и услуга за визирање – 30 евра

• Бакшиши за локални водичи и возачи

• Патничко осигурување

 

 

Напомена: За потврда на резервација е неопходна задолжителна уплата од 500 евра (31.000 денари) најдоцна до 28. Јануари 2026 година. Целосна доплата на аранжманот до 01. Септември 2026. Секоја  резервација без уплата е валидна само 48 часа.

 

Напомена: За реализација на аранжманот потребни се минимум 35 патници

 

 

Резервирај
На вашата емаил адреса се испратени информации со понатамошни инструкции.

Доколку сакате да извршите резервација на овој аранжман пополнете ја следнава форма за да извршите online плаќање.
ПРЕД ДА ИЗВРШИТЕ УПЛАТА ВЕ МОЛИМЕ ЈАВЕТЕ СЕ ВО АГЕНЦИЈАТА НА ТЕЛ 043/ 420 885 ; 412 885; 413 885 ; 071 661 589 И ПРОВЕРЕТЕ ДАЛИ ИМА СЛОБОДНИ МЕСТА









Внесете ја сумата што сакате да ја уплатите во денари (само броеви)