Јужна Америка-Бразил и Аргентина
Буенос Аирес-Игуасу-Рио де Јанеиро-Сао Пауло
(21.03.2027-02.04.2027)
Луксузно патувањекое ја спојува енергијата на Рио де Жанеиро, космополитскиот ритам на Буенос Аирес, убавината на величествените водопадии најпопуларната плажа Копакабана... Ова е спактакуларно патување кое не смеете да го пропуштите!
Прв ден: 21.03.2027 (недела)-Скопје-Виена-Франкфурт-Буенос Аирес
Состанок на групата на аеродромот во Скопје во 10.30 часот. Полетување кон Виена во 12.30, слетување во 14.05 часот. Летот кон Франкфурт е во 17.10, слетување во 18.40 часот. Полетување кон Буенос Аирес во 22.05 часот.
Втор ден: 22.03.2027 (понеделник)- Буенос Аирес
Слетување во Буенос Аирес во 07.55 по локално време. Организиран трансфер до главниот град на Аргентина, родното место на тангото и градот со најмногу книжарници во светот по глава на жител. Буенос Аирес има повеќе од 3 милиони жители, а познат е по добро сочуваната европска еклектична архитектура и по богатиот културен живот. Изграден под влијание на брановите имиграција најпрво од Италија, Шпанија а потоа и од многу други земји, Буенос Аирес е космополитски и жив град кој совршено ги комбинира европскиот стил и јужноамериканската страст. Го започнуваме патувањето со неколку часовна прошетка низ центарот на Буенос Аирес. Започнуваме на Plaza de Mayo, главниот плоштад во Буенос основан уште во 1581 година. Плоштадот е историското и политичкото срце на Буенос Аирес, опкружено со значајни градби: Пирамида de Mayo, Претседателската палата, Cabildo – седиштето на општинската управа во колонијалниот период, и Метрополитенската катедрала. Продолжуваме по авенијата de Mayo, позната по својата еклектична архитектура, сè додека не стигнеме до величествената Авенида 9 де Хулио, со своите шеснаесет ленти е го држи Гинисовиот рекорд за најширока авенја во светот. Покрај многубројните градини, фонтани и скулптури, тука ќе го видиме и Обелискот, непогрешливата знаменитост на градот. Оттаму одиме во Сан Телмо, најстарата и најбоемска населба во Буенос Аирес, позната по своите калдрмисани улици, антикварници, уметнички галерии и традиционалниот неделен панаѓур. Ќе ги посетиме и шарениот пристанишен кварт La Boca, дом на легендардниот фудбалски клуб Бока Јуниорс, како и уличката Caminito, со своите разнобојни куќи од лим. На крај се упатуваме кон Puerto Madera - најмодерната населба во Буенос Аирес, каде што поранешните пристанишни магацини се трансформирани во канцеларии, луксузни резиденции, ресторани и најсовремени барови, покрај впечатливи облакодери кои создаваат уникатен урбан пејзаж. Сместување во хотел “Feir’s Park” 5*, а до крајот на денот слободно време за одмор од патувањето. Ноќевање.
Трет ден: 23.03.2027 (вторник)- Буенос Аирес
Појадок, а потоа продолжуваме со откривање на знаменитостите и тајните на Буенос Аирес. Се упатуваме кон областа La Recoleta, еден од најсофистицираните и најскапите квартови во градот, именуван по монашкиот ред Recoletos кој во 18ти век таму изградил црква и манастир. Во поранешниот овоштарник на манастирот денес се наоѓаат познатите гробишта La Recoleta, кои со многубројните мавзолеи, готски цркви и неокласични градби претставуваат музеј на отворено. Гробиштата привлекуваат многу посетители, не само со својата архитектура туку и со многубројните важни историски личности кои се закопани таму, од кои најпозната е веројатно е Ева Перон – аргентинската активистка, актерка и прва дама. Во Реколета ќе посетиме и други значајни објекти – црквата Nuestra Señora del Pilar, Културниот центар Реколета и Палатата de Glace, денес центар за уметнички изложби, а првично лизгалиште и центар на собири на високата заедница во 1920-тите, кога тангото го напуштило своето скромно потекло и станало широко познато. Ја оставаме Реколета зад нас и се движиме на север кон станбената населба Палермо, мешавина од уметничко-боемски области и раскош. Ја посетуваме областа позната како Barrio Parque, каде што живеат богатите и славните, и во која се наоѓаат повеќе знаменитости како што се Националната библиотека, Правниот факултет на Универзитетот во Буенос Аирес, Латиноамериканскиот музеј на уметност во Буенос Аирес (MALBA) и паркот Tres de Febrero. Конечно, ја посетуваме светски познатата книжарница El Ateneo Grand Splendid, позната како една од најубавите книжарници во светот, сместена во поранешен театар и симбол на златното доба на градот. Враќање во хотелот и одмор, а вечерта одиме на една од најатрактивните активности во Буенос Аирес – танго вечер. Тангото се родило кон крајот на 19ти век во јужните предградија на Буенос Аирес населени со аргентински староседелци и сиромашни имигранти, кои секојдневните борби, проблеми и страсти ги преточиле во ова уникатно парче аргентинска култура. Одиме во историскиот танго-бар El Querandi, кој од 1920тите бил собиралиште на писатели, уметници и студенти, а денес е место каде што може да се ужива во одлична кујна и традиционално танго шоу. По вечерата враќање во хотелот. Ноќевање.
Четврти ден: 24.03.2027 (среда)- Буенос Аирес-Игуасу
Појадок и слободно време за индивидуални активности во Буенос Аирес. Околу пладне се одјавуваме од хотелот и се упатуваме кон аеродромот за локалниот лет до Puerto Iguazu, градот сместен во непосредна близина на најголемиот систем на водопади во светот, поделени помеѓу двете соседни земји, Бразил и Аргентина. Водопадите Игуасу се една од најголемите туристички атракции во Јужна Америка, составени од вкупно 275 водопади кои заедно се двојно поголеми од Нијагарините водопади, а се сместени во суптропска џунгла со преку 2000 видови растенија, јагуари и стотици видови на птици и пеперуги. Во Игуасу слетуваме во вечерните часови и со организиран трансфер се упатуваме кон хотел “Viale Cataratas Hotel & Eventos” 4* во Фоз до Игуасу, Бразил. Ноќевање.
Петти ден: 25.03.2027 (четврток)- Игуасу
Појадок, а потоа одиме на авантура на бразилската страна од водопадите, кои седел од Националниот парк Игуасу. Во центарот за посетители се качуваме во автобуси кои ќе не однесат до почетокот на пешачките мостови поставени над карпите на реката Игуасу. Прошетката по мостовите ќе ни понуди восхитувачки глетки на островот San Martin и трите највеличествени водопади: Bossetti, San Martin и Three Musketeers. Врвот на прошетката е погледот на “Ѓаволското Грло” – најдраматичниот, највисок и најмоќен водопат, кој од патеката е оддалечен само 150 метри. Се враќаме во хотелот и до вечерта имаме слободно време за индивидуални прошетки низ Фоз до Игуасу. Сместен на тромеѓето помеѓу Бразил, Аргентина и Парагвај, Фоз до Игуазу има повеќе од 250.000 жители и е петтиот најпосетуван град во Бразил, па изобилува со продавници, ресторани и барови. Ноќевање.
Шести ден: 26.03.2027 (петок)- Игуасу
Појадок. Ја продолжуваме авантурата на водопадите Игуасу, овој пат од аргентинската страна, која нуди сосема поинакво искуство. Додека во Бразил може да се ужива во панорамска глетка на системот водопади, во Аргентина можете да се движите многу поблиску до нив, понекогаш до самиот раб или низ водопадот. Така прошетката низ аргентискиот национален парк, заштитен од УНЕСКО како природно наследство на човештвото, овозможува искуството со овие импозантни водопади да биде целосно. Стигнуваме во центарот за посетители, а оттаму имаме можност индивидуално да избереме една од двете патеки кои водат низ мостовите и водопадите. Имаме неколку часа за уживање низ природата, а потоа се враќаме во хотелот во Фоз до Игуасу. Слободно време за прошетки низ градот или релаксирање во хотелскиот базен. Ноќевање.
Седми ден: 27.03.2027 (сабота)- Игуасу-Рио де Жанеиро
Појадок. Се одјавуваме од хотелот и се упатуваме кон аеродромот за локалниот лет до Рио де Жанеиро – веројатно најпознатиот бразилски град, каде што бујните планини се сретнуваат со совршените плажи на Атлантскиот океан. Дом на скоро 7 милиони жители, со својата богата мешавина од историја, музика и кујна, Рио привлекува милиони посетители секоја година. Организиран трансфер од аеродромот до хотел “Mar Palace Copacabana Hotel” 4*, лоциран на најпопуларната плажа во светот – Копакабана. Со должина од 4 километри, Копакабана нуди беспрекорен песок, неверојатни пејзажи и бескрајни можности за целодневна забава. До крајот на денот слободно време за уживање во океанот и во локалните ресторани и барови. Ноќевање.
Осми ден: 28.03.2027 (недела)- Рио де Жанеиро
Појадок. Заминуваме во целодневен разглед на главните знаменитости на Рио. Најпрво се упатуваме кон историскиот кварт Cosme Velho, сместен во подножјето на планината Корковадо. Од Cosme Velho тргнува познатиот воз што ќе не однесе до врвот на Корковадо, каде што се наоѓа огромната статуа на Исус Спасителот - симбол на христијанството и мирот. Изградена во 1922 година на 700 метри надморска висина, статуата нуди спектакуларен поглед на Рио. Оттаму се упатуваме кон Lapa - живата, боемска населба која е центарот на ноќниот живот во Рио. Ќе ги посетиме легендарните скалила Selaron, едно од најфотографираните места во Рио, покриени со повеќе од 2000 керамички, рачно изработени плочки донесени од 60 различни земји. Во Lapa ќе го посетиме и големиот аквадукт Lapa Arches, по кој денес вози историскиот трамвај Санта Тереза. Продолжуваме кон Метрополитенската катедрала Свети Себастијан, необична модернистичка градба инспирирана од античките пирамиди на Маите. На крај го посетуваме самиот центар на Рио, почнувајќи од плоштадот Praça XV de Novembro, на кој е сместена империјалната палата која била официјална резиденција на колонијалните гувернери и португалското кралско семејство. Cinelandia е уште еден голем плоштад, опкружен со дел од најубавите и најзначајни градби во Рио – како општинската зграда, оперската куќа и националната библиотека. Прошетка по улиците околу плоштадот, а во попладневните часови се враќаме во хотелот. Слободно време и ноќевање.
Деветти ден: 29.03.2027 (понеделник)- Рио де Жанеиро
Појадок а потоа продолжуваме со откривање на богатствата на Рио и неговата околина. Започнуваме со Urca, историската населба каде што Рио де Жанеиро е основан од Португалците, а денес еден од најбезбедните и најрелаксираните делови на Рио. Од Urca се качуваме на познатата жичарница што прво ќе не однесе до врвот на ридот Urca, а потоа до познатата Шеќерна планина – Sugarloaf Mountain, 400-метарскиот гранитен врв што се издига директно од океанот. Од последната станица на жичарницата ќе можеме да уживаме во спектакуларен поглед на најпознатите плажи во Рио, планината Корковадо, статуата на Исус и хоризонтот на градот. Продолжуваме кон Barra da Tijuca, населба во западниот дел од Риосо крајбрежје во должина од 17 километри. Од тука се качуваме на брод што ќе не однесе до Gigoia – мало островче сместено во лагуната Marapendi. Возењето со брод низ мочуриштата нуди единствена можност за набљудување егзотични птици и алигатори, а целото окружување овозможува рустикална и дива атмосфера, сосема поразлична од големиот град. Се упатуваме назад кон Копакабана, а по пат ќе уживаме во сликовито возење по плажите Сао Конрадо, Леблон и Ипанема. Слободно време и ноќевање.
Десетти ден: 30.03.2027 (вторник)- Рио де Жанеиро-Сао Пауло
Појадок. Се одјавуваме од хотелот и тргнуваме со автобус кон Сао Пауло, најголемиот град во цела Америка и мотор на економијата на Бразил. Основан од Језуитските мисионери во 1554 година, Сао Пауло низ годините прерасна во жив, постојано еволуирачки урбан пејзаж од облакодери и разноврсни населби обликувани од бранови миграција од Италија, Јапонија, Португалија, Либан и многу други земји. Познат по својата неуморна енергија, авангардната архитектура, извонредните ресторани и живиот ноќен живот, Сао Пауло совршено го одразува сложениот и динамичен идентитет на Бразил. Пристигнување во попладневните часови и сместување во хотел “Royal Collection Paulista” 4*, лоциран во непосредна близина на најпознатата и најжива улица во Сао Пауло – Avenida Paulista. Слободно време за одмор од патувањето и индивидуални активности. Ноќевање.
Единаесетти ден: 31.03.2027 (среда)- Сао Пауло
Појадок, а потоа одиме на разглед низ најзначајните места од градот. Ќе имаме можност да ги прошетаме и стариот и модерниот дел од градот. Започнуваме со централниот плоштад Praca da Se, кој се смета за нулта точка од која се мерат сите растојанија во Сао Пауло, и на кој е изградена огромната катедрала св. Павле, која собира 8000 верници. Ќе ја посетиме и криптата под катедралата, во која почива поглавицата Tibirica - индијански племенски водач кој помогнал во основањето на Сао Пауло и неговата одбрана во првите години од постоењето. Продолжуваме кон манастирот св. Бенедикт, познат по класичната архитектура, богатата внатрешност, и пекарницата во која монасите продаваат леб и колачи изработени по рецепти стари стотици години. Прошетка низ улиците во центарот на градот, а потоа продолжуваме со посета на паркот Ibirapuera - возбудлива комбинација на природата и архитектурата. До крајот на денот слободно време за индивидуални активности во Сао Пауло и за уживање во неповторливата атмосфера што ја нуди оваа светка метропола.
Дванаесетти ден: 01.04.2027 (четврток)-Сао Пауло-Цирих
Појадок. Слободно време, а потоа одјавување од хотелот и организиран трансфер до меѓународниот аеродром. Летот за Цирих е во 18.20 часот.
Тринаесетти ден: 02.04.2027 (петок)-Цирих-Скопје
Слетување во Цирих во 10.40 по локално време. Летот за Скопје е во 16.10, слетување во 18.15 часот.
Промотивна цена за уплата до 25.08.2026.....3199 евра (198.340 денари)
ЦЕНА НА АРАНЖМАНОТ.........3299 евра (204.540 денари)
(плаќање во денарска противвредност)
Во цената на аранжманот се вклучени следните услуги:
• Авионски билет: Скопје-Виена-Франкфурт-Буенос Аирес со вклучени аеродромски такси
• Авионски билет: Сао Пауло-Цирих -Скопје со вклучени аеродромски такси
• Авионски билет: Буенос Аирес-Игуасу со вклучени аеродромски такси
• Авионски билет: Игуасу-Рио де Жанеиро со вклучени аеродромски такси
• Рачен багаж до 8 кг. и чекиран багаж до 20 кг. по лице
• Автобуски превоз Рио де Жанеиро-Сао Пауло
• Сите трансфери вклучени во програмата
• 2 ноќевања со појадок во хотел Feir’s Park во Буенос Аирес
• 3 ноќевања со појадок во хотел Viale Cataratas Hotel & Eventos во Фоз де Игуасу
• 3 ноќевања со појадок во хотел Mar Palace Copacabana Hotel во Рио де Жанеиро
• 2 ноќевања со појадок во хотел Royal Collection Paulista во Сао Пауло
• 1 вечера со танго шоу во Буенос Аирес
• Сите разгледи, посети и влезници вклучени во програмата
• Лиценциран туристички водич
• Лиценциран туристички придружник
Во цената не се вклучени следните услуги:
• Доплата за еднокреветна соба – 600 евра
• Патничко осигурување
Напомена: За потврда на резервација е неопходна задолжителна уплата од 100 евра (6200 денари) најдоцна до 25.08.2026 (Во случај на отказ на резервацијата, уплатениот депозит е неповратен!)
Втора рата до 25.09.2026, трета рата до 26.10.2027, четврта рата до 26.11.2026, петта рата 20.01.2027. Целосна доплата на аранжманот до 20.02.2027. Секоја резервација без уплата е валидна само 48 часа.
Напомена: За реализација на аранжманот потребни се минимум 30 патници

Доколку сакате да извршите резервација на овој аранжман пополнете ја следнава форма за да извршите online плаќање.
ПРЕД ДА ИЗВРШИТЕ УПЛАТА ВЕ МОЛИМЕ ЈАВЕТЕ СЕ ВО АГЕНЦИЈАТА НА ТЕЛ 043/ 420 885 ; 412 885; 413 885 ; 071 661 589 И ПРОВЕРЕТЕ ДАЛИ ИМА СЛОБОДНИ МЕСТА












