ТА Атлантик Турс | Хотели и авионски билети - online резервации

Нова Година 2016/2017 во продажба...

За нас Општи услови за патување
Јазик / Language: Македонски / English
FACEBOOK
Јуни - 2027
Монголија - По стапките на Џингис Кан
Сподели со пријателите:
Испринтај: print

 

Монголија- По стапките на Џингис Кан

Ulan Bator-Khustai-Terelj

(12.06.2027-20.06.2027)

 

 

Огромна, сурова и фасцинантна… Монголија е земја на коњаници и номади, дом на Џингис Кан и некогаш најголемата копнена империја во историјата...

 

 

Ова не е патување за оние кои сакаат сè да биде совршено предвидливо. Ова е патување за оние кои сакаат да видат како изгледа светот кога ќе се оддалечиме од сè што ни е познато... Патување низ пустини, црвени карпи и песочни дини па се до номадски домови и живот под отворено небо...

 

Ова е патување за авантуристи!!!

 

 

Прв ден: 12.06.2027 (сабота)-Скопје-Истанбул-Улан Батор

 

Состанок на групата на аеродромот во Скопје во 06.30 часот. Полетување кон Истанбул во 08.45 часот, слетување во 11:20 часот по локално време. Летот за Улан Батор, главниот град на Монголија, земјата што се наоѓа во источна Азија е во 18.30 часот. Пристигнување во 07.30 по локално време.

 

 

Втор ден: 13.06.2027 (недела)- Улан Батор

 

Пристигнување и организиран трансфер со автобус од аеродромот до градот кој се наоѓа на оддалеченост од околу 55 километри. Сместување во хотел “Ramada” 4* или друг хотел од иста категорија.  Хотелот е резервиран со рано пријавување (early check-in), па по пристигнувањето веднаш се сместуваме и имаме време да одмориме од патувањето. По одморот, одиме во посета на Музејот на Национална историја на Монголија, во кој се наоѓаат повеќе од 57.000 артефакти од сите периоди на монголската историја. Следува вечера за добредојде со фолклорен настап и монголска музика, танци и ритуали. Ноќевање.

 

 

Трет ден: 14.06.2027 (понеделник)- Улан Батор

 

Појадок, а потоа започнуваме со истражување на Монголија, пространа земја на “вечното сино небо”, една од најретко населените во светот каде што номадскиот начин на живот опстојува со векови. Денот го започнуваме со организиран разглед на Улан Батор, главниот град чие име значи “Црвениот јунак”. Сместен на околу 1.350 метри надморска височина, тој е дом на скоро половината од жителите на земјата и се смета за најстудената престолнина во светот. Започнуваме со манастирот Gandan, основан во 1809 година, најважниот активен будистички манастир во Монголија, каде што ќе ја видиме и позлатената статуа на Migjid Janraisig, висока околу 26 метри. Продолжуваме кон Плоштадот Sukhbaatar, централниот плоштад на градот, именуван по Damdin Sukhbaatar, водачот на револуцијата од 1921 година, на кој доминира Владината Палата со монументалната седната статуа на Чингис Кан. Ручек во локален ресторан, а потоа го посетуваме Музејот на Чингис Кан, посветен на основачот на Монголската империја, најголемата копнена империја во историјата, и на неговото наследство. Доцните попладневни часови се слободни за одмор и индивидуално истражување на градот. Ноќевање.

 

 

Четврти ден: 15.06.2027 (вторник)- Улан Батор-Национален парк Khustai-Nomadic Cultural Heritage Center

 

Појадок, а потоа се одјавуваме од хотелот и тргнуваме кон Националниот Парк Khustai, оддалечен од главниот град околу 100 километри (околу 2 часа возење). Паркот е дом на уникатна програма за повторно враќање на дивиот коњ Przewalski, кого Монголците го викаат Takhi. Овој вид - последниот преостанат вистински див коњ на светот, бил истребен во дивината во 20 век, а од 1990-те коњи одгледани во зоолошки градини низ Европа се враќаат во монголската степа. Ќе го посетиме информативниот центар, а подоцна, во попладневните часови, влегуваме во паркот на пешачење од 1-2 часа, со надеж да ги забележиме дивите коњи, како и елени, газели и мармоти. Ручек, па продолжуваме кон центарот за номадска култура (Nomadic Cultural Heritage Center), каде што не` чека сместување во гер-кампот “Mongol Nomadic Ger camp”. Герот е традиционалното монголско живеалиште-шатор, а нашите шатори се со сопствена бања. Вечера и ноќевање.

 

 

Петти ден: 16.06.2027 (среда)- Nomadic Cultural Heritage Center

 

Појадок. Денот е посветен на Монголската номадска култура. Во 10 часот присуствуваме на специјална културна програма, во која посетуваме номадско семејство за да научиме како се живее во степата: ќе вкусиме традиционални млечни производи, ќе видиме како номадите го транспортираат товарот со волска запрежна кола и камили, и ќе слушаме традиционална музика и народни песни. Ручек во гер-кампот. Попладнето не` очекува Mongol Nomadic Naadam, фестивал на трите “машки игри” – борење, коњски трки и стрелаштво – чија традиција од 2010 година е заштитена од УНЕСКО како нематеријално културно наследство. Сите гости се пречекуваат на арената и се вклучуваат во настанот. Програмата започнува со изведување на монголската долга песна (long song) и на morin khuur, виолина со глава на коњ, по што 16 силни борачи се борат во првото коло од борбите. Следат натпревари во стрелаштво и во гаѓање со коски од зглоб (shagai), а локални уметници изведуваат традиционални танци и песни. Гостите можат и сами да ги пробаат стрелањето и гаѓањето со shagai, како и да го видат превозот на товар со волски запрег. Најинтересниот дел од фестивалот се коњските трки, во кои џокеите пеат Giingoo, посебна песна што ги храбри коњите. Победниците се наградуваат со овци и други традиционални подароци на номадите, а ние ќе имаме прилика да се сретнеме со борачите, џокеите и стрелците и да направиме незаборавни фотографии. Вечера и ноќевање во гер-кампот.

 

 

Шести ден: 17.06.2027 (четврток)- Nomadic Cultural Heritage Center-Национален парк Terelj

 

Појадок, а потоа тргнуваме кон Националниот Парк Terelj, оддалечен околу 130 километри, (2,5-3 часа возење). Terelj е еден од најубавите и најпосетените Национални паркови во Монголија, сместен на околу 65 километри од главниот град и познат по борови шуми, зелени ливади, реката Terelj и необичните гранитни карпи. По пристигнувањето се сместуваме во гер-кампот “Terelj Lodge” (гер со сопствена бања). Ручек во ресторанот на кампот. Попладнето ги посетуваме локалните знаменитости: карпата во форма на желка (Turtle Rock), огромен гранитен блок кој навистина потсетува на желка, и малиот локален храм за медитација Aryabal. Храмот припаѓа на будистичката секта Kalachakra, а изграден е во 1810 - те години од монголски и тибетски монаси во тибетски стил. Слободно време за одмор. Вечера и ноќевање.

 

 

Седми ден: 18.06.2027 (петок)-Terelj

 

Појадок, а потоа тргнуваме кон комплексот со статуата на Чингис Кан, сместен во Tsonjin Boldog, на брегот на реката Tuul. Според легендата, токму тука Чингис Кан пронашол златен камшик, кој во монголската традиција симболизира добра среќа, наклонетост од боговите и лидерство. Статуата на Чингис Кан на коњ, висока 40 метри и изработена од нерѓосувачки челик, е една од најголемите статуи на коњаник во светот, а во нејзината основа се наоѓа музеј. Се искачуваме до главата на коњот, од каде се отвора поглед кон безграничната степа. Ручек во ресторанот на хотелскиот комплекс, а потоа се враќаме во Terelj. Остатокот од денот е слободен за одмор и релаксација во природата. Вечера и ноќевање во гер-кампот.

 

 

Осми ден: 19.06.2027 (сабота)-Terelj- Улан Батор

 

Појадок, одјавување од кампот и враќање кон Улан Батор. По пристигнувањето се сместуваме во хотел “Ramada” 4* или друг хотел од иста категорија. Организирана посета на Музејот на зимската палата Bogd Khaan Palace Museum, која по стекнувањето независност од Кина служела како седиште на монголската политичка и религиска моќ. Оттаму се искачуваме на ридот Zaison, на кој се наоѓа еден од најимпозантните советски споменици што ја нуди најубавата панорамска глетка на Улан Батор. Ручек. Доцните попладневни часови се наменети за шопинг – последна можност да се купат кашмир и традиционални сувенири од Монголија, а потоа следува вечера за збогување. Ноќевање.

 

 

Деветти ден: 20.06.2027 (недела)- Улан Батор-Истанбул-Скопје

 

Во раните утрински часови одјавување од хотелот и организиран трансфер до аеродромот во Улан Батор. Полетување кон Истанбул во 09.20 часот, слетување во 13.45 по локално време. Поаѓање кон Скопје во 18.55, слетување во 19.25 по локално време.

 

 

Промотивна цена за уплата до 01.12.2026 ....2890 евра (179.180 денари)

ЦЕНА НА АРАНЖМАНОТ.........3190евра (197.780 денари)

(плаќање во денарска противвредност)

 

 

Во цената на аранжманот се вклучени следните услуги:

 

• Авионски билет: Скопје-Истанбул-Улан Батор-Истанбул-Скопје со вклучени аеродромски такси

• Рачен багаж до 8 кг. и чекиран багаж до 20 кг. по лице

• Сите трансфери вклучени во програмата

• 3 ноќевања со појадок во хотел во Улан Батор

• 2 ноќевања со појадок во гер камп во Nomadic Cultural Heriteage Center

• 2 ноќевања со појадок во гер камп во Terelj

• 6 ручеци и 5 вечери

• Сите разгледи, посети и влезници вклучени во програмата со организиран трансфер

• Лиценциран туристички водич

• Лиценциран туристички придружник

 

 

Во цената не се вклучени следните услуги:

 

• Доплата за еднокреветна соба – 250 евра

• Виза за Монголија и услуга за визирање – 70 евра

• Бакшиши за локални водичи и возачи

• Патничко осигурување

 

 

Напомена: За потврда на резервација е неопходна задолжителна уплата од 500 евра (31.000 денари) најдоцна до 01.12.2026. Втора рата до 01.02.2027, трета рата до 01.03.2027. Целосна доплата на аранжманот до 10.05.2027. Секоја  резервација без уплата е валидна само 48 часа.

 

Напомена: За реализација на аранжманот потребни се минимум 30 патници

 

 

Резервирај
На вашата емаил адреса се испратени информации со понатамошни инструкции.

Доколку сакате да извршите резервација на овој аранжман пополнете ја следнава форма за да извршите online плаќање.
ПРЕД ДА ИЗВРШИТЕ УПЛАТА ВЕ МОЛИМЕ ЈАВЕТЕ СЕ ВО АГЕНЦИЈАТА НА ТЕЛ 043/ 420 885 ; 412 885; 413 885 ; 071 661 589 И ПРОВЕРЕТЕ ДАЛИ ИМА СЛОБОДНИ МЕСТА









Внесете ја сумата што сакате да ја уплатите во денари (само броеви)