ТА Атлантик Турс | Хотели и авионски билети - online резервации

Нова Година 2016/2017 во продажба...

За нас Општи услови за патување
Јазик / Language: Македонски / English
FACEBOOK
Ноември
ЗЛАТНИОТ ТРИЈАГОЛНИК НА ИНДИЈА СО ДИВАЛИ-ФЕСТИВАЛОТ НА СВЕТЛИНАТА
Сподели со пријателите:
Испринтај: print

 

ЗЛАТНИОТ ТРИЈАГОЛНИК НА ИНДИЈА СО ДИВАЛИ-ФЕСТИВАЛОТ НА СВЕТЛИНАТА

ДЕЛХИ-АГРА-ЏАЈПУР

 

 

(03.11.2026-11.11.2026)



Хаотична и мирна, традиционална и модерна, сиромашна и богата-Индија е многу повеќе од обична туристичка дестинација. Во неа е споено се` што е неспоиво: традицијата, модерната архитектура, хаосот и хармонијата, сиромаштвото и раскошот... Индија е земја на чудата-од свети градови до единствени кралевски палати... тоа е искуство што ќе го смени нашиот начин на размислување!



Прв ден: 03.11.2026 (вторник)-Скопје-Истанбул-Делхи

 

Состанок на групата на аеродромот во Скопје во 07.00 часот. Полетување кон Истанбул во 09.15 часот, слетување во 12:50 часот по локално време. Летот за Делхи е во 20.50 часот.

 

 

Втор ден: 04.11.2026 (среда)- Делхи

 

Пристигнување во Делхи во 05.20 часот по локално време. Организиран трансфер до хотелот „The Suryaa” 5*, или хотел од иста категорија. Појадок, а потоа го оставаме багажот во хотелот и заминуваме на организиран разглед на главниот град на Индија. Делхи е еден од најголемите градови во светот но истовремено и еден од најстарите, со преку 1500 историски споменици од различни периоди, бидејќи градот бил граден и доградуван од повеќе владетели и империи. Одиме директно во стариот дел на Делхи, каде што најпрво ќе ја посетиме џамијата Jama Masјid, една од најголемите џамии во Индија која до 1857 година служела како императорска џамија. Изградена во индо-исламски стил, Jama Masjid е еден од најзначајните културни споменици во Делхи. Оттаму тргнуваме во истражување на Chandni Chowk, еден од најстарите и најголемите пазари во Делхи. Изграден во 1650 година од страна на императорот Shah Jahan, овој пазар има илјадници продавници. Хаосот и шармот на Chandni Chowk ќе го откриеме возејќи се со рикши, традиционалното индиско превозно средство. Денот го завршуваме со организирана вечера во локален ресторан. Сместување во хотелот и слободно време за одмор од патувањето и користење на СПА центарот. Ноќевање.

 

 

Трет ден: 05.11.2026 (четврток)- Делхи

 

Појадок, а потоа се упатуваме кон новиот дел од Делхи, во кој широките авении и грандиозната архитектура ќе ни ги покажат големите контрасти на овој град со 34 милиони жители. Њу Делхи е една од 11-те провинции на Делхи,  изграден од Британците, а денес седиште на Индиската Влада. Тука ќе го посетиме Humayun’s Tomb – огромен мавзолеј на Мугалскиот император Humayun, нарачан и финансиран од неговата сопруга. Како прва ваква гробница на Индискиот супконтинент, претставува претходник на познатиот Таџ Махал и е под заштита на УНЕСКО од 1993 година. Оттаму се упатуваме кон Gurudwara Bangla Sahib, еден од најзначајните храмови на Сикизмот во Индија. “Гурдвара” претставува вид на храм кој буквално значи „Дом на гуру”, а овој е посветен на осмиот од десетте гуруа – основоположници на Сикизмот како религија. Програмата ја завршуваме со посета на Qutub Minar, споменик кој истовремено претставува и минаре и кула на победата. 72-метарската црвена кула е изградена во 12-от век, за време на Делхискиот султанат, и денес претставува еден од најзначајните историски споменици во Делхи. До крајот на денот, слободно време за индивидуални активности и користење на СПА центарот во хотелот. Ноќевање.

 

 

Четврти ден: 06.11.2026 (петок)- Делхи-Агра

 

По појадокот се одјавуваме од хотелот и се упатуваме кон Агра, град во Индиската покраина Uttar Pradesh кој е најпознат како дом на Таџ Махал. Агра бил главен град и центар на моќта на Мугалската империја, која владеела со денешна Индија повеќе од 300 години. Се сместуваме во хотелот „Courtyard by Marriott” 5*, или друг хотел од иста категорија. Краток одмор од патувањето, а потоа ја посетуваме Agra Fort – историска тврдина на моќната Мугалска династија и местото каде што во 1530 година бил крунисан императорот Humayun. Тврдината е всушност цел град опколен со ѕидини, и во неа ќе можеме да прошетаме низ импресивни палати, дворови и кули. Отааму ќе се упатиме кон градините Mehtab Bagh, кои се совршено позиционирани спроти Таџ Махал, и од каде може да се ужива во најубавиот поглед на овој споменик. Денот го завршуваме со организирана вечера во локален ресторан. Ноќевање.

 

 

Петти ден: 07.11.2026 (сабота)- Агра-Џајпур

 

Рано утрото одиме во посета на еден од најпознатите светски споменици – Таџ Махал. Изграден во 17-ти век од мугалскиот император Shah Jahan како гробница за неговата сакана сопруга, Таџ Махал е ремек-дело на светската архитектура, извајан од беспрекорен бел мермер и сместен во совршено симетрична градина. Покрај визуелната совршеност, Таџ Махал ги отелотворува длабоките идеи во индиската филозофија за рајот, рамнотежата и сеќавањето. Околу 20 илјади работници од цела Индија биле ангажирани во изградбата на овој монументален објект. По враќањето имаме доручек во хотелот, а потоа се одјавуваме и се упатуваме кон Џајпур, живиот “Розов град” на Раџастан. По патот застануваме во посета на Fatehpur Sikri, совршено зачуван историски град од 16ти век. Основан како главен град на Мугалската империја, Fatehpur Sikri своевремено бил центар на политичката моќ и архитектонски израз на империјалната визија. Напуштен по само неколку децении поради недостаток на извори на вода, Fatehpur Sikri денес стои како необичен и импозантен споменик, симбол на амбицијата и кршливоста на империјата. Организиран ручек, а потоа продолжуваме со патувањето кон Џајпур. Пристигнување во попладневните часови и сместување во хотелот “Alsisar Haveli” 4*, или во друг хотел од иста категорија. Слободно време за одмор од патувањето и користење на СПА центарот во хотелот. Ноќевање.

 

 

Шести ден: 08.11.2026 (недела)- Џајпур

 

Појадок, а потоа одиме во откривање на Џајпур, главниот и најголем град на Индиската Сојузна Држава Раџастан. Посета на Amber Fort, величествена тврдина, ремек-дело на раџпутската архитектура. Тврдината е град со површина од 4 квадратни километри, изграден од црвен камен и бел мермер и преполн со прекрасно украсени сали и дворови. По пат ќе застанеме да ја погледнеме и Hawa Mahal, познатата црвена палата со безброј мали прозорци и балкони кои наликуваат на саќе. Попладнето имаме време кратко да одмориме во хотелот, пред да се упатиме во домовите на локални семејства каде што ќе имаме уникатна можност да присуствуваме на интимна прослава на Дивали, еден од најголемите хиндуски фестивали кој ја симболизира победата на доброто над злото, светлината над мракот, и знаењето над игнорантноста. Во семејствата ќе не` пречекаат во традиционален дом осветлен со маслени ламби, свеќи и сложени дизајни на ранголи – форма на традиционална индиска уметност. Вечерта започнува со молитви во семејното светилиште, по што следува палење дија (традиционални маслени ламби) за да се одбележи триумфот на светлината и да се покани просперитет за годината што претстои. Ова искуство ќе ни овозможи да ги споделиме празничните моменти со нашите домаќини, додека тие со нас споделуваат традиционални слатки и приказни за значењето на Дивали низ генерациите. Ќе имаме можност заедно со членовите на семејството да учествуваме во подготовка на традиционални закуски и десерти, по што следи празничната вечера. Како што ноќта се продлабочува, ќе можеме да уживаме во нежниот сјај на огнометите во далечината, кои ќе внесат топлина и автентична блискост на ова незаборавно културно искуство. Ноќевање.

 

 

Седми ден: 09.11.2026 (понеделник)- Џајпур

 

Појадок. Продолжуваме со истражување на знаменитостите на  Џајпур, кој меѓу другото е и првиот плански изграден град во Индија, и град кој се уште има свој Махараџа – историска кралска титула во Индија која иако денес нема формално значење, сеуште претставува статусен симбол за неколку ројални семејства во земјата. Ја посетуваме градската палата која се наоѓа во срцето на стариот град и го одразува континуираното наследство на владетелите на Џајпур и рафинираната дворска култура на Раџастан. Мешавина од раџпутски, моголски и европски влијанија, комплексот на палатата вклучува церемонијални дворови, сали за посетители и музејски галерии кои нудат увид во кралскиот живот, управувањето и занаетчиството. Во непосредна близина на палатата се наоѓа Jantar Mantar, историската астрономска опсерваторија на Џајпур и место на светското наследство на УНЕСКО, каде што во 18-ти век биле изградени монументални камени инструменти за мерење на времето, следење на движењата на небесните тела и набљудување на затемнувањата со извонредна прецизност. Заедно, Градската Палата и опсерваторијата го откриваат Џајпур не само како кралска престолнина, туку и како центар на научни истражувања и просветлено владеење. Организирана вечера во локален ресторан, а до крајот на денот слободно време за прошетка низ живите пазари во стариот град, каде шарените тезги со текстил, накит, ракотворби и зачини ги исполнуваат улиците со енергија и шарм. Ноќевање.

 

 

Осми ден: 10.11.2026 (вторник)- Џајпур-Делхи

 

Појадок, а потоа се одјавуваме од хотелот и одиме во откривање на креативната страна на Џајпур, преку посета на традиционалните уметнички работилници во Sanganer, каде што занаетчиите ги демонстрираат вековните занаети на печатење и сина грнчарија. Тргнуваме кон Делхи, а по пат ќе имаме можност да уживаме во пејзажите на Rajasthan и Uttar Pradesh. Сместување во хотелот „The Suryaa” 5*, или хотел од иста категорија. Слободно време за одмор и индивидуални активности. Ноќевање.

 

 

Деветти ден: 11.11.2026 (среда)-Делхи-Истанбул-Скопје

 

Одјавување и организиран трансфер до аеродромот во Делхи. Полетување кон Истанбул во 07.00 часот, слетување во 11.35 по локално време. Поаѓање за Скопје во 20.15 часот, слетување во 19.45 по локално време.

 

 

Промотивна цена за уплата до 22.05.2026.....2100 евра (130.200 денари)

ЦЕНА НА АРАНЖМАНОТ.........2200 евра (136.400 денари)

(плаќање во денарска противвредност)

 

 

Во цената на аранжманот се вклучени следните услуги:

 

• Авионски билет: Скопје-Истанбул-Делхи-Истанбул-Скопје со вклучени аеродромски такси

• Рачен багаж до 8 кг. и чекиран багаж до 20 кг. по лице

• Сите трансфери вклучени во програмата

3 ноќевања со појадок во хотел во Делхи

• 1 ноќевање со појадок во хотел во Агра

• 3 ноќевања со појадок во хотел во Џајпур

1 ручек и 4 вечери

• Сите разгледи, посети и влезници вклучени во програмата со организиран трансфер

• Приватна прослава на Дивали со локално семејство

• Лиценциран локален туристички водич

• Лиценциран туристички придружник

• Туристичка такса

Во цената не се вклучени следните услуги:

• Доплата за еднокреветна соба – 500 евра

• Виза за Индија и услуга за визирање - 50 евра

• Бакшиши за локални водичи и возачи

• Патничко осигурување

 

 

Напомена: За потврда на резервација е неопходна задолжителна уплата од 500 евра (31.000 денари) најдоцна до 22.05.2026. Втора рата до 22.06.2026, трета рата до 22.07.2026. Целосна доплата на аранжманот до 22.09.2026. Секоја  резервација без уплата е валидна само 48 часа.

 

Напомена: За реализација на аранжманот потребни се минимум 30 патници

Резервирај
На вашата емаил адреса се испратени информации со понатамошни инструкции.

Доколку сакате да извршите резервација на овој аранжман пополнете ја следнава форма за да извршите online плаќање.
ПРЕД ДА ИЗВРШИТЕ УПЛАТА ВЕ МОЛИМЕ ЈАВЕТЕ СЕ ВО АГЕНЦИЈАТА НА ТЕЛ 043/ 420 885 ; 412 885; 413 885 ; 071 661 589 И ПРОВЕРЕТЕ ДАЛИ ИМА СЛОБОДНИ МЕСТА









Внесете ја сумата што сакате да ја уплатите во денари (само броеви)