ТА Атлантик Турс | Хотели и авионски билети - online резервации

Нова Година 2016/2017 во продажба...

За нас Општи услови за патување
Јазик / Language: Македонски / English
FACEBOOK
Мај
СИЦИЛИЈА-БИСЕРОТ НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ЈУГ
Сподели со пријателите:
Испринтај: print

 

 

 СИЦИЛИЈА-БИСЕРОТ НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ЈУГ

Оваа пролет Ве водиме на најголемото цветно шоу во светот, Фестивалот на цвеќето во Ното!

 

СИРАКУЗА-НОТО- ЕТНА- КАТАНИЈА-ТАОРМИНА-СAВОКА- ЧЕФАЛУ- МОНРЕАЛ-ПАЛЕРМО- АГРИЏЕНТО

(17.05.2024-25.05.2024)

 

 

Земја на митови и легенди, чудовишта и богови... Земја на раскошно културно наследство и природни богатства...На листата на желбите на сите освојувачи... Под будното око на застрашувачкиот и воедно восхитувачки вулкан Етна... Легендата вели дека кога Господ го создавал светот, шестиот ден бил задоволен од тоа што го направил и спуштил бакнеж на земјата... токму на тоа место денес е Сицилија! Убавината на Сицилија не може да се опише, таа треба да се доживее... Ако на островот не Ве привлече неговата историја, приказните за мафијата ниту шармантните Сицилијанци на кои три работи им се најважни во животот: храната, фудбалот и жените, тогаш тоа нека биде најубавиот сладолед на светот... Без оглед на се` што сте читале за Сицилија,  кога ќе ги отворите очите за нејзината убавина, таа ќе Ве разоружа со својот шарм... посебна, дива, возбудлива, сурова и магична... Најпосакуваната летна резиденција на царевите, аристократите и банкарите!

После неа, ништо нема да биде исто...

 

 

Прв ден17.05.2024 (петок)- Кавадарци-Скопје-Блаце-Драч

 

10:00 часот заминување на групата од  Кавадарци и во 12:00 часот од Скопје (пред туристичките агенции) кон Албанија со туристички автобус преку граничниот премин Блаце. Дневно патување преку Косово со попатни паузи за одмор. Пристигнување во Драч во вечерните часови. Се упатуваме кон пристаништето и се сместуваме на бродот. Од 22.00 часот започнува ноќната пловидба кон Италија.

 

 

Втор ден18.05.2024 (сабота)- Бари- Сан Џовани-Месина- Гиардини Наксос

 

Пристигнување во Бари во 08.00 часот наутро. Патувањето го продолжуваме со автобус преку Италија кон Сан Џовани, местото од каде со траект преминуваме на островот Сицилија, во градот Месина. Од таму се упатуваме кон туристичкото место Giardini Naxos. Сместување на групата во хотелот „Baia degli Dei“   3*** (http://www.hotelbaiadeglidei.it/ ). Слободно време за одмор од патувањето. Ноќевање.

 

 

Трет ден: 19.05.2024 (недела)- Сиракуза- Ното-Гиардини Наксос

 

Појадок. Ден предвиден за уживање во барокната област на Сицилија со фасцинантната архитектура. Заминуваме кон грчката колонија Сиракуза, родното место на древниот грчки научник Архимед, еден од најзначајните градови на Медитеранот. Посета на историски дел во кој се наоѓа прочуената фонтана на нимфата Arteuze-Fonte Aretusa , Градското Собрание и остатоци од Аполоновиот Храм за кој се верува дека е најстар на Сицилија, како и барокната катедрала изградена во VII век  на темелите на големиот старогрчки храм кој бил посветен на богињата Atina. Продолжуваме кон градот Ното кој уште се нарекува „камената градина“ бидејќи со преубавите градби и скулптури издлабени во камен претставува престолнина на сицилијанскиот барок. Тука, во оваа раскошна убавина од 17. до 21. Мај се одржува 45-от фестивал на цвеќето Infiorata di Noto 2024,  а во недела локалното население и туристите ќе го чекаат својот ред да му се восхитуваат на прекрасниот мозаик од цвеќиња специјално одгледани за овој настан со кои ќе биде послана улицата Via Corrado Nicolaci, чија должина е 122 метри и ширина 7 метри. Слободно време да уживаме во магијата на една од најшарените прослави на Сицилија и да ја откриеме уметноста на цветниот тепих. Во договореното време се враќаме назад во хотелот. Ноќевање.

 

 

Четврти ден: 20.05.2024 (понеделник)- Етна-Катанија- Гиардини Наксос

 

Појадок. Заминување на групата кон најголемиот активен вулкан во Европа – Етна,  висок 3340 метри кој има околу 400 угасени и неколку активни кратери. Пристигнуваме до висина од 1980 метри. Патот не` води по црни бразди низ кои некогаш течела вжештената лава. Кога ќе стигнеме до надморска висина од 1000 метри се забележува се` поретка вегетација, а кон врвот на вулканот има само остатоци од изладена лава и пепел. Слободно време за прошетки околу старите угасени кратери. Од таму продолжуваме кон Катанија, преубав град на брегот на Јонското Море каде ќе прошетаме покрај Катедралата во која се наоѓа капелата на Sv.Agata -заштитничката на градот, Плоштадот со кипот на слон, дел од градот во бароктен стил со градби од црн вулкан, Универзитетскиот Плоштад, Римскиот амфитеатар... Слободно време за индивидуални прошетки. Во договореното време се враќаме во хотелот. Ноќевање.

 

 

Петти ден: 21.05.2024 (вторник)- Таормина- Савока-Чефалу

 

Појадок. Се одјавуваме од хотелот и заминуваме кон западниот брег на островот. Посета на монденското летувалиште Таормина, градот издигнат на камената тераса над Јонското Море. Прошетка низ главната улица на која се наоѓаат преубави плоштади со барокни фасади на куќите, како и на стариот град каде се наоѓаат преубави цркви и катедрали: црквата San Giuseppea,  катедралата Sv. Nikola, палатата CorvaiaVilla Comunale… Слободно време за индивидуални прошетки низ колоритните улици. Во договореното време заминуваме кон едно од најубавите села во Италија-Савока. Селото ја стекнало својата популарност заради легендарниот филм „Kum“-токму тука прославениот Frensis Ford Kopola ја снимил култната сцена на свадбата на главниот јунак на филмот, Majkl Korleone, син на мафијашкиот бос. Зборот „кум“ се нашол во мафијашкиот речник по молбите на многу сиромашни луѓе некој од моќните кланови да им го крсти новороденото дете. Подоцна тоа дете било заштитетно со презимето на кумот, а кланот имал корист од децата кои ги крштевале. Слободно време за индивидуални прошетки. Патувањето го продолжуваме кон живописниот град Чефалу, бисерот на Тиренското Море. Сместување на групата во хотелот „Santa Lucia Le Sabbie D`Oro“ 3*** (https://lesabbiedoro.it/). Слободно попладне за одмор од патувањето и за индивидуални активности. Ноќевање.

 

 

Шести ден: 22.05.2024 (среда)- Монреал-Палермо-Чефалу

 

Појадок. Денот е резервиран за патувањето низ срцето на Сицилија преку фантастични патишта и пејзажи. Пристигнуваме во Монреал, мал град сместен веднаш над долината позната по насадите со маслинки,бадеми и портокали. Посета на раскошната катедрала Duomo di Monrealeпрочуена по живописните византиски мозаици од злато во која се крштевале, венчавале и се погребувале членовите на норманските кралски семејства. Катедралата е изградена во XII век и се до XX век била веднаш до црквата Свети Петар во Ватикан и била најмноќна во Италија. Потоа продолжуваме кон Палермо, главниот град на Сицилија, петти по големина во Италија. Импресивна глетка на кралската палата Normana, катедрала од XII век која ја граделе првите сицилијански кралеви, плоштадите Kvatro kanti и Pretoria и најголемиот театар во Италија Masimo. Во попладневните часови враќање назад во хотелот во Чефалу. Слободно време за индивидуални прошетки низ Чефалу, градот во кој најмногу можете да го почувствувате вистинскиот дух на Сицилија. Ноќевање.

 

 

Седми ден: 23.05.2024 (четврток)- Агриџенто-Чефалу

 

Појадок. Заминуваме кон јужната страна на островот во областа Агриџенто. Посета на античкиот локалитет Долина на храмовите Valle dei Templi, едно од најзначајните места на островот Сицилија. Од 1997 година остатоците од дворските храмови се наоѓаат на листата на УНЕСКО како најубави споменици од античко време надвор од границите на денешна Грција. Источната зона е најимпресивниот дел од долината, бидејќи има извонредни урнатини- најзначајните знаменитости се наоѓаат по должината на главната улица Виа Сакра. Таа води кон првиот храм - храмот на Херкулес. Тоа е најстариот храм во долината и е втор по големина. Столбовите на храмот се направени од златен песок и мермерни малтери, насликани со црвена и светло сина боја. По главната улица се наоѓа Храмот на хармонијата - грчко светилиште, исклучително добро сочувано, а во западната зона првото интересно место е Алтаре Сакрифале, каде што се принесувале како жртва волови. До него се наоѓа најголемиот доријски храм чија изградба започнала во 480 п.н.е. Giunone, храмот на богот Зевс и храмот Concordia кој не случајно е избран за лого на УНЕСКО. По завршувањето на разгледот слободно време за индивидуални активности, а потоа се упатуваме кон хотелот во Чефалу. Ноќевање.

 

 

Осми ден: 24.05.2023 (петок)- Месина-Сан Џовани-Бари

 

Појадок. Одјавување од хотелот и заминување кон градот Месина, а од таму со траект преминуваме во Италија. Дневно патување со попатни паузи. Во доцните попладневни часови пристигнуваме во Бари и се упатуваме кон пристаништето. Сместување на бродот. Од 22.00 часот започнува ноќната пловидба кон Драч.

 

 

Девети ден: 25.05.2024 (сабота)- Драч-Блаце-Скопје-Кавадарци

 

Пристигнување на пристаништето во Драч. Дневно патување преку Косово со попатни паузи за одмор. Пристигнување во вечерните часови.

 

 

ЦЕНА НА АРАНЖМАНОТ.........699 евра (43.340 денари)

(плаќање во денарска противвредност)

 

 

Напомена: Цена на аранжманот за сместување на бродот во внатрешни кабини -739евра (45.820 денари)

 

 

Во цената на аранжманот се вклучени следните услуги:

 

- Превоз со туристички автобус на наведената релација

- Превоз со брод на релација Драч-Бари-Драч

- Превоз со траект на релација Сан Џовани-Месина-Сан Џовани

Бродски такси

- Седиште на бродот во двата правци или сместување во внатрешни кабини (без прозор)

- Три ноќевања со појадок во хотелот „Baia degli Dei“   3*** во Гиардини Наксос

- Три ноќевања со појадок во хотелот „Santa Lucia Le Sabbie D`Oro“ 3*** во Чефалу

- Влезница за Катедралата во Монреал

- Влезница за Долината на Храмовите во Агриџенто

- Лицениран туристички водич за сите излети  вклучени во програмата 

- Организација и лиценциран придружник на патувањето

 

 

Во цената на аранжманот не е вклучено:

 

- Доплата за еднокреветна соба - 150 евра

- Доплата за еднокреветна кабина- 60 евра

- Туристичка такса -  12 евра за сите 6 ноќевања (се плаќа во агенцијата)

- Патничко осигурување

 

 

НАПОМЕНА: За реализација на патувањето потребни се минимум 40 патници

Резервирај
На вашата емаил адреса се испратени информации со понатамошни инструкции.

Доколку сакате да извршите резервација на овој аранжман пополнете ја следнава форма за да извршите online плаќање.
ПРЕД ДА ИЗВРШИТЕ УПЛАТА ВЕ МОЛИМЕ ЈАВЕТЕ СЕ ВО АГЕНЦИЈАТА НА ТЕЛ 043/ 420 885 ; 412 885; 413 885 ; 071 661 589 И ПРОВЕРЕТЕ ДАЛИ ИМА СЛОБОДНИ МЕСТА









Внесете ја сумата што сакате да ја уплатите во денари (само броеви)